За нас / About us

image_pdfimage_print

Катедрата за геотехника е формирана уште со основањето на Техничкиот т.е. Градежниот факултет во 1949 год. Оттогаш наваму континуирано одржува настава по повеќе дисциплини од геологијатa, механиката на почви и карпи, фундирањето итн., во сите три циклуси на студии.  Наставните содржини постојано се иновираат, а во успешната реализација централна улога играат лабораториските инструменти и теренската опрема донирани од Владите на Р. Македонија и СР Германија, или набавени во соработка со домашни компании. Секако, за тоа е неопходна и актуелна светска литература, како и силна софтверска поддршка кои Катедрата ги поседува: PLAXIS, SLIDE, GEO5, модули на ROCSCIENCE  и др.

Патем, посебно внимание се посветува на константен и интензивен развој на полето на научната надградба преку едуцирање на наставниот кадар во странство. Како резултат, Катедрата има многу успешна комбинација на искусен кадар, од една, и млад кадар со високи научни титули, од друга страна.

Истражувачкото поле на Катедрата е многу широко: геотехничко моделирање на физички и нумерички модели, примена на современи методологии и инструменти за истражување и класификација на теренот, нумерички методи во решавање на геотехнички проблеми, нестабилни појави, работа на еврокодовите, депонии, геотермална енергија и др. Резултатите од научната и апликативната дејност редовно ги претставува во часописи и на национални и меѓународни конференции.

Катедрата соработува со сродни научни институции од земјата, регионот (Србија, Хрватска, Романија), потоа Германија, Австрија, Турција, Чешка итн. Покрај тоа, современите методи на геотехнички истражувања и испитувања се применуваат и на многубројни проекти во соработка со домашни и странски фирми кои се занимаваат со геотехниката, рударството, заштитата на животната средина и сл.